x

Брегалница е нај, нај на истокот, во Штип мириса на Прва лига!

bregalnica-slavje

Брегалница вчера и дефинитивно стана есенски шампион, откако во Виница ја победи Слога со 3:1, штипските “сини“ покажаа едноставно дека сезонава се без конкуренција на истокот. Дека во сите елементи се нај, нај. Одиграа 16 натпревари, победија на 13, имаат само три ремија. Освоија најмногу бодови 42, дури седум пред Тиквеш, постигнаа најмногу голови 41, а примија најмалку 11.

Посебен импулс беше заминувањето на дотогашниот тренер Добринко Илиевски и доаѓањето на Марјан Секуловски. Се покажа дека првиот човек на клубот Кире Гогов, со ангажманот на битолчанецот направи маестрален потег. Под водство на Мане екипата на Брегалница на експресен начин ги решаваше дилемите, не оставаше во финишот да се освојуваат бодовите.

Брегалница оваа есен покажа дека е без конкуренција, можеби ривал требаше да биде Тиквеш, но кавадарчани самите си се виновни. Да, точно е дека и тие имаат квалитет, но Брегалница е нешто посебно, а тоа и го докажа, и ако сака Тиквеш некогаш да влезе во елитата, тогаш ќе мора некои работи под итно да ги промени. На Тиквеш не е и Брегалница виновникот за тоа што му се случува еве веќе втора сезона по ред.

Брегалница знае дека уште ништо не е готово. Убаво е да си есенски првак, но останува цела пролет за играње, а се знае дека во мак – фудбалот пролетната сезона секогаш е потешка за играње.

Но, да се нема дилеми. Штипјани ја научија лекцијата од лани, знаат што треба да направат, сега имаат идеално решение на тренерската клупа и реално е тие +7 бодови во однос на Тиквеш уште повеќе да ги зголемат.

Нема што, конечно во Штип почна да мириса на Првата лига. А за тоа заслужни се претседателот Кире Гогов, потоа тренерот Марјан Секуловски, и најмногу играчите предводени од Мартин Стојанов, Ристе Наумов и останатите.

Штипјани конечно имаат на што да бидат горди, а “фалангата“ едвај чека на новиот стадион, на новите трибини следното лето да навива за Брегалница против Шкендија, Вардар, Работнички, Шкупи…

Оваа ВМФЛ – ИСТОК не е веќе категорија за Брегалница.

Тука нема никакви дилеми.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата