Секогаш е големо задоволство да се разговара со Мирјана Бошевска (23 г.), пливачката, која со своите многубројни, врвни резултати и голем број рекорди, што немаат абер да бидат соборени во блиска иднина, веќе неколку години ја носи титулата најуспешна во историјата на македонското пливање. Таа, 10 години живее и работи во САД, поточно во Шарлотсвил, каде што лани во мај дипломираше психологија на Универзитетот Вирџинија, на отсекот за спортска психологија. Да потсетиме дека нејзините рекорди се уште се актуелни на овој Универзитет, каде што таа остави неизбришлива трага – и како човек и како спортист.
За жал, овојпат, разговорот со неа, не беше толку пријатен, бидејќи дознав дека и дојде крајот на една од најблескавите спортски кариери кај нас! Дали навистина?
– Во овој момент, може да се рече дека мојата активна пливачка кариера дојде до крајот. Тешко ми е да го кажам тоа, но мислам дека уште потешко ќе му се вратам на пливањето, одговори Мирјана на директното прашање. Од друга страна, можеби чувствувам и одредено олеснување, бидејќи сфатив дека вака повеќе нема да може. На крајот, мислам дека беше и време да престанам.
Кои се причните за ваквата одлука?
– Јас, во Шарлотсвил работам во еден голем и популарен фитнес клуб, како инструктор по пливање. Оттаму, не гледам како би продолжила со пливањето, бидејќи морам да си обезбедам егзистенција. Варијантата со скратено работно време, не верувам дека би наишла на одушевување кај мојата компанија. Но, јас во овој клуб сум привремено, а ќе се потрудам со сите сили да најдам некоја далеку посериозна и потрајна работа. Значи, јас не сакам и никогаш не сум сакала да правам нешто половично. Ако пливам, сакам да пливам и да победувам, а никако да се “бањам”. Еве, мојот татко прави усилби да ме натера да продолжам со скратени тренинзи, за да се преориентирам на маратоните, но сметам дека и тоа ќе оди тешко. Како што реков, не сакам да пливам само “формално”.
Имавте проблеми со работната виза за САД?
– Да, тоа е точно, затоа и се оддолжи мојот престој дома. Но, на крајот се заврши како што треба – добив работна дозвола со важење до септември 2007 година, а потоа ќе видиме.
Ќе се обидете ли да станете американски државјанин?
– Да не се лажеме, да. Но, тоа не оди така лесно.
Во Скопје бевте речиси месец и половина. Ве контактираше ли некој од нашите спортски институции?
– Освен Вас, никој, ниту од новинарите, ниту од спортските институции не ме побара, а ниту ме праша како сум и што правам. Уште помалку, некој од пливањето. Еве, сега дознав дека имаме и нов селектор?!
Како Скопје? Ставивте ли, можеби, некој килограм повеќе за празниците?
– Убаво ми беше изминативе денови дома. Инаку, не ставив, туку ослабнав два килограми, бидејќи многу водам сметка на исхраната. Скопје ми е разубавено, особено ми се допаѓа новиот плоштад и улицата “Македонија”. Еве, си земав за “дома” некои ЦД-а со македонска музика… И, така, Мирјана вчера одлета во САД, исправена пред крстосницата на својот живот. Ќе успее ли да пронајде подобра работа, ќе успее ли можеби да го надгради своето школување, што автоматски ќе значи и враќање на пливањето (за што сите ние би требале да навиваме од сесрце), или, пак, за некоја година, само ќе се сеќава дека некогаш беше гордоста на оваа држава. Која, ете, нешто не се претргна за да ја сочува, да и даде безрезервна поддршка и да ја изгради во уште поголем шампион.


Сашо ХРИСТОВСКИ ФОТО: Ѓорѓи ЛИЧОВСКИ