Штип во моментов го има третиот бран на Ковид- 19, што го зголемува бројот на новозаразени. Во овој момент во Штипската клиничка болница имаме 50 заразени лица, а 579 лица се во изолација, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на таа општина, Благој Бочварски.

Забележа дека бројката сама по себе говори дека ваквата состојба не само што не смее да се потцени, туку и мора да се вклучи алармот на дополнителна внимателност, а воедно мора да се стават сите капацитети во функција, но мора и сите граѓани да се придружат и да ја дадат својата максимална поддршка во справувањето со овој нов бран.

-Кристално ми е јасно дека ниту еден граѓанин не посакува повторно враќање на рестриктивните мерки, но сакам да ја искористам оваа прилика да замолам, да побарам од секој еден граѓанин, највисока општествена и здравствена одговорност за себе и за останатите граѓани. Иако Општина Штип не носи одлука за карантин или полициски час, сакам да го искажам мојот став дека сум оптимист и верувам дека ќе успееме да го пребродиме овој бран, без притоа да се случи делумно или целосно затворање на градот. Затоа ние мораме да направиме се и да не дозволиме да продолжи растот на новозаразени, а со тоа да се преполнат капацитетите на болниците и повторно да се вратиме на поголеми ограничувања во функционирањето, вели Бочварски.

Штипскиот градоначалник вели дека разговарал со сите инспекторатите, со полицијата, со обвинителството како репресивни органи кои, како што рече, ќе бидат на терен и ќе ги санкционираат прекршувањата од кој и да се случат.

-И во оваа пандемија покажавме дека државата функционира и законите важат еднакво за сите. Ниту сега нема да дозволиме било кој да биде поштеден при прекшување на законите.Што се однесува до Општина Штип, ние продолжуваме со дезинфекција на сите институции, на сите локации каде имаме поголемо групирање на граѓаните и на јавните простори, вели Бочварски.

Локалната власт заедно со Клиничка Болница- Штип и Министерство за здравство веќе работат на поставување монтажен објект во кругот на Клиничка Болница, со цел зголемување на капацитетите во септември и октомври, доколку се јави потреба. Започнато е проектирањето на сите инсталации за овој објект после што ќе чекаат сигнал од Министерството за здравство, за отпочнување со негова реализација.

-Сите овие активности се во насока на поддршка и на заштита на колективното здравје на граѓаните, но ова не мора да значи ништо, доколку не се вклучиме сите и доколку секој еден општествен чинител или поединец не ја сфати оваа состојба најсериозно, вели Бочварски.

Прашан дали разговарал со сопствениците на конфекциите, Бочварски истакна дека секојдневно комуницира со нив и голем дел од нив одлучиле самите да прават скрининзи, дел од нив ги имаат затворено погоните, а оние кои ги немаат работат со работниците, кои имаат негативни тестови.

-Сите субјекти, невладини организации и бизнис секторот, сите институции, секој граѓанин, буквално сите мораат да имаат до знаење дека здравствените работници се уморни, дека се изложени на сериозен ризик, поголем од сите нас и дека будно 24 часа се грижат за секој на кој му е потребна помош. Да им помогнеме на здравствените работници, со тоа му помагаме на здравствениот систем да биде подготвен и во иднина да се справува со предизвиците, вели Бочварски.

Апелираше сите  без исклучок да ги почитуваат трите основни, едноставни и на секого јасни препораки, а тоа се носење на заштитна маска, дистанца од два метра, како и често миење на рацете.