Иако се предвидува дека воздушниот сообраќај ќе закрепне дури по 2024 година, авиокомпанијата „Емирати“ излезе со неочекувана политика насочена кон враќање на бизнисот.

Државната авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Дубаи им нуди на патниците еден вид „безбедносна мрежа“, кажувајќи им дека доколку добијат коровирус за време на патувањето, авиокомпанијата ќе ги покрие сите трошоци поврзани со медицинскиот третман, хотелскиот карантин, па дури и нивно погребување во случај на смрт.

Оваа неочекувана мерка доаѓа во време кога „Емирати“ очекуваат да намалат дури 9000 работни места во наредните недели.

Претседателот на групацијата „Емирати“, шеикот Ахмед бин Сид Ал Мактум, опиша дека оваа мерка може да им обезбеди на патниците одредена безбедност за време на исклучително непредвидливи времиња, дека летањето кон далечните дестинации е сè уште безбедно – напишано е на веб-страницата на компанијата, пренесува порталот „Индикатор“.

„Знаеме дека луѓето копнеат да летаат, бидејќи границите ширум светот постепено се отвораат, но тие бараат флексибилност и доверба ако се случи нешто непредвидено за време на патувањето“, рече тој.

На интернет-страницата на „Емирати“ од минатата недела стои:

„Патниците на ’Емирати“ можат да летаат со целосна самодоверба, бидејќи авиокомпанијата ќе ги покрие трошоците за лекување до 150.000 евра и трошоците за карантин од 100 евра на ден за 14 дена, доколку им се дијагностицира Ковид-19 или нешто непредвидено се случи за време на патувањето”.

Од авиокомпанијата соопштија дека политиката ќе остане во сила до крајот на октомври и ќе важи најмногу до еден месец од почетокот на патувањето на патникот.

извор: Makfax