Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро е повторно тестиран позитивно на коронавирусот, пренесе Си-ен-ен Бразил.

Болсонаро, познат по тоа што ја негираше сериозноста на вирусот и го нарече обичен грип, за прв пат на 7 јули објави дека е позитивен на Ковид-19.

Си-ен-ен Бразил наведува дека Болсонаро изјавил оти неговиот тест на Ковид-19 е повторно позитивен и порачал дека повторно ќе се тестира за неколку дена.

Откако се зарази, состојбата на бразилскиот претседател е добра и тој ќе се врати на работа ако новиот тест за Ковид-19 подоцна неделава се покаже негативен, пренесува „Ројтерс“.

Бразил е на второто место во светот по бројот на заразени и починати како последица на коронавирусот, со 1.939.167 случаи на инфекција и 74.445 смртни случаи, покажуваат податоците на страницата „Ворлдометерс“.

извор: Makfax