На Институтот за онкологија од вчера почнаа да се даваат конзилијарни мислења со кои болните од рак можат да ги купат лековите што им се потребни во терапијата, а кои се дефицитарни во оваа единствена инстиуција од ваков вид во земјава. Во цитостатската палета, како што велат лекарите, недостасуваат дел од лековите за терапијата кај рак на дојката, на белите дробови, хормонални препрати… Директорката на Институтот вчера беше на службен пат, така што не можевме да добиеме официјално објаснување за недостигот на цитостатици.
Според лекарите, ова е вторпат во текот на овој месец да се јави недостиг на одредени лекарства за болните. Тие не можеа да објаснат дали е тоа поради проблемите во нарачките или, пак, е резултат на штедењето што е изнудено со новите ограничени буџети на здравствените организации. Од истите причини, тие не знаеја да кажат до кога ќе трае ваквата состојба. “Многу е тешко кога на пациенти со вакви дијагнози мора да им кажеш дека лекот мора да си го купат. Голем број од нив едвај крпат крај со крај, а овие лекарства не се така евтини”, објаснуваат онколозите.
Според нив, лекувањето на малигни заболувања е комбинација од повеќе третмани кои се применуваат во циклуси. Ако се почне со терапијата, како што објаснуваат, не е пожелно таа да се прекинува бидејќи во прашање се ефектите од лекувањето.