Најдоцна до септември, граничниот премин кај Блаце, на македонско-косовската граница ќе се проширува, со цел да се забрза меѓуграничниот промет и стоковната размена меѓу двете страни. Ова вчера во Приштина го договорија првите луѓе на двете царински управи на Македонија и на Косово, односно Илија Илоски, генерален директор на Царинската управа на Македонија и Пол Агда, генерален директор на Царината на УНМИК на Косово. Од косовската страна беше презентиран проектот за осовременување на граничниот премин кај Блаце, кој треба да почне со реализација во мај, а да биде завршен до септември. Осовременувањето на царинскиот премин од косовска страна би чинел 500 илјади евра. Од македонска страна е прифатена обврската за инфраструктурно осовременување на преминот Блаце, односно одделување на патничкиот од товарниот сообраќај. Тоа, исто така, ќе биде завршено до септември, кога ќе заврши проширувањето од косовската страна, со што драстично ќе се забрза протокот на луѓе и стока меѓу двете земји. Од страна на УНМИК беше поставено и прашањето за проширување на граничниот премин кон Јажинце, односно негово оспособување за царинење на стоки кои транзитираат, за што македонската страна покажа подготвеност и добра волја, но, сепак, нема инфраструктура за таа намена. Покраината Косово, гледана низ егзактните параметри е значаен трговски партнер за Македонија со меѓусебна размена од 200 милиони долари, и поминати 300 илјади патнички возила и околу 1,2 милиони патници во текот на изминатата година. Македонската и царината на УНМИК се договорија и за размена на информации, пред се, за транзитот на високоакцизна стока. Согласно со потпишаната спогодба за меѓусебна размена, договорено е и формирање на три поткомитета, за царински работи, за истраги и за инфраструктурни усогласувања, кои ќе работат интензивно и оперативно, односно ќе се среќаваат најмалку еднаш неделно.


Виолета ЦВЕТКОВСКА