Битолскиот центар “Сју Рајдер” ќе ги отвори вратите за пациентите пред официјалниот старт на кампањата за локалните избори или најдоцна до крајот на месецов. Специјализираната установа за нега на пациентите во терминална фаза од болеста и за палијативна нега не работеше, иако во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ официјално беше пресечена лентата за нејзино ставање во функција. Во меѓувреме е повторно “комплетирана” опремата што во перидот додека објектот беше “замрзнат” исчезна, а е заокружена и целокупната постапка за негов технички прием и употребна дозвола. Вториот “хосипс” во земјава располага со 74 кревети, а функционално тој преминува од Медицинскиот ценатар Битола под капата на Геронтолошкиот завод од Скопје, во чии рамки е и првиот објект на Фондацијата “Су Рајдер” во земјава. Првите луѓе на двете јавни здравствени организации веќе ја договорија целокупната постапка за активирање на битолскиот ”Сју Рајдер”, а за комплетирање на постапката се чека уште само формалната одлука на Владата. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување ќе обезбедат и шестмесечна финансиска поддршка за оваа институција, во која пациентите ќе плаќаат по 400 денари дневно, додека пак здравствените услуги ќе се покриваат од националната здравствена каса. Во овој Ценатар, во кој најчесто ќе се третираат лицата со малигни дијагнози од Југоисточниот регион, ќе работат 39 лица. Од нив, 13 ќе се преземат од Медицинскиот центар, додека другите, пред се, средно медицински и технички персонал, ќе се вработат првпат во “Сју Рајдер -Битола”. (Р.Н.)