Доколку во најскоро време не најдат заеднички јазик, лесно може да се случи Битола за брзо време да остане без градски линиски превоз и организиран превоз на учениците. По долго анализирање, сметање, барање најдобро и најадекватно економско решение, општината Битола деновиве донесе одлука да ги раскине договорите со автопревозните претпријатија за општински линиски превоз и за превоз на учениците со линискиот превоз, како и да ги врати трите позајмени автобуси од ГСП „Скопје”, кои на три месеци ѝ беа позајмени на Битола.

Како што велат од општината, во согласност со одредбите од договорите по кои досега се превезуваа патниците и учениците во Битола, општината Битола им даде отказен рок на сите превозници од три месеци, период во кој ќе се организира нов јавен повик за организирање на општинскиот линиски превоз.

На тој јавен повик ќе бидат прецизирани правилата и цените за организирање на превозот не само на учениците туку и на граѓаните, па сите превозници ќе имаат можност да аплицираат.

– На тоа работи цела комисија во општината Битола, се одржуваат и контакти со превозниците. По сите анализи, ќе се одредат критериумите во интерес на многу поорганизиран и подобар превоз во општината Битола – истакнува градоначалничката на општината Битола, Наташа Петровска.