Денеска во “Кале” (17.30 ч.) македонскиот женски ракометен првак, Кометал Ѓ.Петров ќе ја бие втората полуфинална битка со деветкратниот европски првак ХИПО од Виена, со цел третпат да се пласира во завршницата на Лигата на шампионите. Претходно, во 2001 година, ѓорчепетровки не успеаја токму против истиот противник да се искачат на европскиот трон, а следната година против унгарскиот Херц го освоија победничкиот пехар. Желбата за докажување кај сите девојки е максимална, поразот во Виена, од првиот натпревар (32:30) дава надеж дека може да се анулира негативата од два гола. За тоа ќе треба да се прикаже игра, каква што ѓорчепетровки демонстрираа во Скопје и на гости против европските гиганти данскиот Слагелсе и словенечкиот Крим. Изминатава седмица во “Кале” се тренираше пеколно, се гледаа касети од повеќе натпревари на ХИПО од годинашново учество во ЛШ. Посебно се “снимаше” триото Ротис – Шинкаренко – Спиридон, но најмногу се анализираше играта на најефикасната во редовите на “банкарките” Логвин, која е и прв стрелец во досегашните натпревари на ЛШ. Во “Кале” ќе има “спортски вулкан”, но од Управата на Кометал Ѓ.Петров порачуваат дека сето тоа ќе биде организирано на највисоко ниво – спортски, како што газдата на ХИПО, Гунар Прокоп ја пречекал спортската експедиција на нашиот првак. Индира Кастратовиќ е една од ретките во оваа екипа, која во 2002 година со Кометал Ѓ.Петров ја освои европската круна. Таа и на досегашните натпревари во ЛШ, и на последниот во Виена, покажа дека е онаа вистинската, каква што сме ја навикнале да ја гледаме – мотивирана и пред се ефикасна. – Цела седмица се подготвуваме максимално, како на психофизички, така и на тактички план. Два разлика на контото на “банкарките” е мала, но може да биде и голема разлика. Да не заборавиме дека на натпреварот со Крим во Скопје, љубљанчанките се радуваа што загубија само со 3 гола и сметаа дека тоа лесно ќе го анулираат. Но, испадна дека не е така – вели Индира Кастратовиќ за вечерашната десетта пресметка со традиционалниот ривал на европска сцена, ХИПО. – Размислуваме само за победа. Атмосферата во екипата е на високо ниво. Малку не загрижува повредата на Озел, но таа последниве два дена тренираше со полн интензитет и ќе биде со нас во составот. Се надевам дека ова ќе ни биде трето финале во ЛШ, ја молам публиката спортски да навива, да не наседнува на провокациите на Прокоп, кој знае да направи негативна атмосфера, кога неговата екипа губи. Ова е голем натпревар за нас, и, верувам, ќе успееме во целта. (В.П.)