Одлуката на Косовската влада да воведе 25 насто царина за македонските производи, вистински ја раздрма Македонската влада. Веќе за една, најдоцна за две недели министерот за економија Фатмир Бесими ќе замине на преговори во Приштина да им го соопшти владиниот став за стриктно почитување на Спогодбата за слободна трговија со Србија и Црна Гора, односно “0” насто царинска стапка од двете страин во размената. Прво што направи кабинетот на Бучковски е што му испрати покана на привремениот косовски премиер Бајрам Косуми во јуни да седнат на заедничка преговарачка маса во Скопје и да ги отворат прашањата за едностраното воведување на царина и за демаркација на границата во пакет. Официјални извори од Кабинетот на Бучковски вчера ни потврдија дека знаат за Одлуката и дека владата буквално е на “готовс” за преговори, иако тврдат дека оваа одлука на косовската влада ќе биде во “фрижидер” се до јуни. Имено, владините извори тврдат дека Економско фискалниот совет и УНМИК нема да ја ратификуваат оваа одлука, и дека ќе се почитува резолуцијата на ОН. Во заднина на целата игра со царините, велат упатени владини извори стои “битката за нафта”, односно очајничкиот обид да се клекне ОКТА на колена. Годишниот профит на ОКТА од 100 милиони долари од извоз на нафта им бодело очи на косовското нафтено лоби, и оттаму, дури се шпекулира дека и од УНМИК дошла ургенцијата за смена на Рафајлидис како прв чекор кон истиснување на скопската рафинерија од бизнисот. Имено, една цистерна нафта и деривати од ОКТА чини околу 4.200 долари, односно само 200 илјади долари за транспорт поради близината од се на се 17 километри, додека од која било дестинација Бугарија или Грција таа чини околу 6.000 долари. Згора на тоа, од други држави има и уште 10 насто царина, што автоматски ги прави неконкурентни и другите нафташи во бизнисот. Оттаму и притисокот да се поскапат македонските стратешки производи со повисока царина од 25 насто со цел да не се веќе најконкурентни на пазарот во Косово. Овој есап им е познат и во Владата, па за секој случај, веќе ги отвораат опциите за контрамерки кон Косово, доколку притисокот продолжи. А тоа се првенствено непризнавање на косовските таблички, блокада на севкупниот камионски и автобуски транспорт, кои и онака ги банкротираа нашите транспортери со возење на диво и дампинг цени на услугите.


Виолета ЦВЕТКОВСКА