Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ денеска на прес-конференција говореше за економските мерки што ги воведе Владата, а со цел да помогне во надминување на последиците од кризата.

Тој потсети на уредбата донесена пред неколку дена, со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година. Истовремено, донесена е и Уредба која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

„Ослободувањето од плаќање на аконтациите на данок на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19“, појасни Битиќи и додаде дека критериумите за оваа помош се строго дефинирани и важат за сите.

Веќе се реализира вториот пакет на економски мерки кој вклучува 14.500 денари месечно по вработен, помош за спортисти од 14.500 денари, помош за уметници и паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата.

Битиќи потсети дека се забранува отварање на стечајна постапка, а отворен е и солидарен фонд за помош на граѓаните погодени од кризата.

„Би сакал да ве информирам и дека веќе се одобрени 254 кредити за мали, микро и средни компании од бескаматната кредитна линија на Развојната банка. За големата заинтересираност за оваа мерка покажува и фактот што досега поднесени и во фаза на разгледување до Развојната банка се над 1.050 барања за бескаматни кредити“, рече Битиќи.

Како што најави, во подготовка е нов пакет на суштински мерки и политики кои ќе обезбедат дополнителна помош за домашната економија.

извор: Makfax