Земјите во регионот делат исти предизвици, заеднички да работиме на нивно надминување и подигнување на конкурентноста на регионот. Ваква порака испратија заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи кој денеска се сретна со амбасадорката на Црна Гора во нашата земја, Марија Петровиќ. Двајцата разговараа за заедничките предизвици на земјите од регионот на Западен Балкан, евроинтеграциите и унапредувањето на економската соработка помеѓу двете земји.

Битиќи нагласи дека сите земји од регионот, и во периодот пред здравствената и социо – економска криза предизвикана од коронавирусот, но и за време на кризата, се соочуваат со исти или слични предизвици, а за нивно надминување потребна е заедничка соработка и енергична реакција. Со поинтензивна меѓусебна соработка и искористување на конкурентската предност што секоја од земјите од Западен Балкан ја добива со взаемната соработка можеме да го искористиме моментот и посилни да влеземе во пост-ковид периодот, со што земјите од регионот и целиот регион ќе бидат поатрактивен партнер за Европската Унија.

Отворањето на преговори со Европската Унија, беше уште една тема на разговор помеѓу Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Петровиќ. Црна Гора веќе започна преговори за членство со ЕУ, би можеле да се искористат искуствата кои што ги има во овој процес и заеднички да се продолжи на патот кон целосна интеграција на двете земји во ЕУ.

Петровиќ и Битиќ се согласија дека во овој период треба да се работи и на реализација на капиталните инфраструктурни проекти во сите земји во регионот, за да има подобра поврзаност на земјите, што е еден од предусловите за унапредување на економската соработка и подигнување на конкурентноста на целиот регион.

Вицепремиерот Битиќи и црногорската амбасадорка Петровиќ, се заложија на понатамошна соработка во насока на подобра економска соработка помеѓу двете земји, преку креативна и отворена континуирана дискусија.

извор: Makfax