Пандемијата на коронавирусот запре 20 години напредок во борбата против сиромаштијата и болестите, според основачот на Мајкрософт Бил Гејтс.

Во извештајот објавен денес од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс се вели дека сè заостанува скоро во секој показател во нивните обиди да ги исполнат целите на Обединетите нации за одржлив развој со цел да се стави крај на сиромаштијата и да се намали нееднаквоста.

Екстремната сиромаштија е зголемена за седум проценти како резултат на пандемијата.

Покриеноста на вакцините, која го мери функционирањето на здравствените системи, падна на нивото што последен пат беше забележано во 90-тите години на минатиот век, носејќи го светот назад околу 25 години за 25 недели.

Податоците исто така покажуваат дека економските ефекти од пандемијата ги зајакнуваат нееднаквостите, особено кај жените, расните и етничките малцинства. Особено се погодени луѓето што живеат во услови на екстремна сиромаштија.

Гејтс за Би-Би-Си изјави дека очекува ефективната вакцина за Ковид-19 да биде готова до почетокот на 2021 година.

Пандемијата предизвика големи проблеми со дистрибуцијата на храна и ги зголеми цените на храната, додаде Гејтс.