Околу 1.500 тони пластична ПЕТ – амбалажа се очекува да биде собрана и преработена до крајот на годинава. Собирањето и рециклирањето на пластиката ја вршат седум домашни фирми и една невладина организација што неодамна беа избрани да го реализираат специјално подготвениот проект поддржан од УСАИД, со што се очекува да се намалат дивите депонии од пластика во земјава. Пунктови за собирање на пластиката се поставени во Скопје, Тетово, Кратово и Куманово. Според податоците на УСАИД, од јануари до сега во земјава се собрани 700 тони пластична амбалажа, главно шишиња, што потоа се рециклираат и како мелена пластика, во форма на балирани коцки, се извезува во Турција, Кина, Германија, Грција и Унгарија. – Покрај еколошкиот аспект со што се добива почиста животна средина, една од придобивките на овој проект е економска. Фирмите што ја собираат и рециклираат амбалажата добиваат и по 500 евра за еден тон мелена пластика – вели Благоја Милошевски, менаџер на овој проект. За фирмите што работат на рециклирање на ПЕТ-амбалажата, УСАИД обезбеди грантови во висина од 80.000 долари. Преку проектот, фирмите добиваат консултански услуги како да ги организираат активностите за собирање и рециклирање на пластиката. Од есен, Милошевски најавува нов проект за собирање на пластика со поддршка на УСАИД. За таа цел ќе бидат набавени специјални контејнери во кои домаќинствата ќе ја оставаат амбалажата. – Во реализација на проектот ќе помогне и локалната самоуправа, но деталите околу тоа се уште не се прецизирани – вели Милошевски. Во земјава, последниве неколку години пластичната амбалажа се користи масовно и во неа главно се пакува храната. Годишно се собира повеќе од 10.000 тони пластика, што во најголем дел се депонира во Дрисла која е единствената санитарна депонија во земјава. Досега, проблем беше што никој не ја собираше и не ја преработуваше.


Валентина МАРЈАНОВИЌ