За главниот извршен директор во “Македонски телекомуникации”, Атила Сендреи, во компанијата нема никакви проблеми. Коментирајќи ги последните случувања во Телеком со намалувањето на вишокот вработени и обвинувањата за вршење притисоци врз нив, Сендреи рече дека постојано се преговара со вработените. “Сакаме да најдеме решение од кое ќе имаат полза и компанијата и вработените, а имаме и постојани контакти со Синдикатот”, изјави вчера Сендреи.
Не сакајќи да коментира кој би бил оптималниот број на вработени, првиот “телекомец” рече дека бројките се менуваат одвреме навреме, како што флуктуира бизнисот.
Синдикатот на Телеком минатата недела обвини дека при споведувањето на Програмата за менаџирање на вишокот вработени се вршат притисоци врз вработените на кои им се нуди да прифатат да работат со скратено работно време или да заминат на неплатен одмор. Ако не прифатат ниедна алтернатива, тие ќе бидат распределени како продажни агенти каде се поставуваат високи норми за исполнување на работните задачи. Од синдикатот најавија дека, ако се продолжи со ваквиот тренд, ќе бидат искористени сите легални средства за заштита на правата на вработените. (С. Бл.)