Министерството за здравство од јануари 2015 година почнува со реализација на пилот-проект за промоција на физичка активност и развивање на спортски вештини по пливање кај деца со Даунов синдром. Овој проект е дел од Програмата за јавно здравје на Министерството за здравство за 2015 година и овие активности ќе бидат бесплатни за децата.

Како што објасни министерот за здравство Никола Тодоров целта е да се подобри нивната психофизичка состојба, како и унапредување на севкупниот развоен потенцијал на овие деца. Светските искуства покажуваат дека стимулацијата и редовната физичка активност е најдобар третман за деца со Даунов синдром.

-Активностите ќе се реализираат преку Заводот за физикална медицина и рехабилитација – Скопје, со организирање часови по пливање за деца со Даунов синдром и тоа 4 пати неделно, по еден час, а едукацијата ќе ја спроведуваат врвни спортски тренери и асистенти со завршен Факултет по физичка култура, под водство на проф. д-р Наташа Мешковска, а во соработка со Центарот за Даунов синдром-вели Тодоров.

Тој посочи дека нешто помалку од еден милион денари се одвоени за Заводот за физикална медицина и рехабилитација-Скопје во кои ќе бидат вклучени трошоците за одржување и греење на базенот, како и за тренерите кои ќе работат со децата.

Заинтересираните родители ќе може да се обратат до Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство каде одговорно лице ќе ги направи групите.

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во Македонија годишно се регистрираат околу 12-17 случаи на деца со Даунов синдром до едногодишна возраст. Заводот за ментално здравје, во периодот од 1987 до 2014 година регистрирани се вкупно 305 лица со Даунов синдром до 18-годишна возраст.

(В.Ма.)