Над 200 милиони корисници од целиот свет кои поседуваат компјутер со инсталиран програм “скејп” и имаат безжичен телефонски апарат, имаат можност бесплатно да разговараат меѓу себе. Додека, пак, со оние кои го немаат инсталирано овој програм, повиците кон фиксна линија без разлика каде се наоѓа во светот, изнесуваат околу еден денар за минута разговор, практично колку што чини една минута локален разговор во Македонија. Повици кон мобилни броеви чинат нешто повеќе, односно околу 15 денари за минута.
Овие повластени тарифи ги овозможува “Логин системи” кои од вчера почнаа да го нудат “линксис” безжичниот интернет-телефонски пакет што е наменет за домашни потреби и за бизнис корисници. Како што објаснуваат од “Логин системи”, за да може да се разговара преку “скејп”, нема потреба да се седи пред компјутерот. Пакетот, кој чини 8.479 денари без ДДВ, покрај безжичниот телефон и УСБ базна станица го содржи и “скејп” програмот и 60 минути бесплатен разговор со корисници на фиксен или мобилен телефон. Работи на принципот на “при пеид” и наскоро, како што велат од “Логин”, ќе се нудат и ваучери со различна вредност. (С. Бл.)