Градот Скопје и Хокеј Федерацијaта од утре овозможуваат бесплатни часови по лизгање за почетници на лизгалиштето „ЕУ за тебе“ во рамките на новогодишната населба „Винтерленд“ на плоштад „Македонија“.

Оваа нова содржина во „Винтерленд“ за љубителите на зимските спортови ќе се одвива секојдневно во два термини: од 11 часот претпладне и од 20 часот навечер. Бесплатните часови ќе бидат организирани за групи до 20 пријавени лица, на кои ќе им држат обуки двајца професионални инструктори.

Заинтересираните за бесплатни часови по лизгање може да се пријавуваат секој работен ден во Информативниот центар на Град Скопје од 9 до 16 часот на телефонскиот број (02) 3297-255.

Новогодишната програма и „Винтерленд“ се финансиски поддржани од Делегацијата на Европската Унија која го обезбеди бесплатното лизгалиште „ЕУ за тебе“ што е поставено на плоштадот Македонија како дел од новогодишната населба.

извор: Makfax