Герхард Бергер е последниот во низата што упати јавен совет до седумкратниот светски првак да се повлече од Формула 1, откако на оваа тема се изјаснија повеќе личности од овој свет. Бергер се смета за пријател на Шумахер, иако негов некогашен ривал на патеката, но сепак и фан на неговите успеси.
– Време е за повлекување на Михаел, а ако ја освои титулата, тајмингот ќе биде перфектен,- вели Австриецот кој годинава се врати во Ф1 како ко-сопственик на екипата Торо Росо. Тој е долго време на патеката и почнува да старее. Сите ние сме морале да се бориме против тој феномен, но еден ден едноставно мора да се повлечеме. Михаел ќе ја даде својата десна рака за да ја освои титулата се додека има теоретска шанса, ќе се бори до крај. Особено сега по квантниот скок во перформансите на Бриџстоун, што овозможи трката за титулата да биде неизвесна до крајот.
Австриецот е последниот возач од Формула 1 што бил ангажиран лично од Енцо Ферари, а сега смета дека Шуми е подготвен да и каже збогум на серијата во која се прослави, но можеби со осмата титула во витрините. По трката во Истанбул, Нико Розберг во својата колумна напиша дека не гледа знаци на попуштање кај Германецот што можеби би укажале на подготвеност за пензија, особено без освоена тиула. Од друга страна, Жан Тод изјави дека Михаел има направено многу за Ферари и тој ќе биде среќен ако неговиот пулен донесе одлука со која ќе биде самиот задоволен.