Од ноќеска на полноќ бензините поевтинија за еден денар, а дизелот за 1,5 денар по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Комисијата вчера одлучи да ги намали малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,49 проценти, а рафинериските за 3,76 проценти. Според одлуката, литар моторен бензин од 96 октани ќе чини 71 денар наместо 72, а безоловниот бензин од 90 октани ќе се продава за 67,5 денари. Безоловниот моторен бензин од 95 октани ќе чини 68 денари за литар, наместо 69 денари, додека дизелот од 57,5 денари за литар сега ќе чини 56,5. Поевтинување ќе има и кај екстра лесното гориво за еден денар и половина и тоа од 47,5 на 46 денари. Пониска ќе биде и цената на мазутот така што М-1 од 24,112 денари за килограм ќе се продава по 22,904 денари за килограм, а М-2 од 24,081 на 22,875 денари за килограм. Бензините поевтинија бидејќи цената на суровата нафта на светскиот пазар во изминативе две недели изнесуваше 71,609 долари за барел и е за 1,4 проценти пониска од просечната цена на нафтата по која беа формирани тековните цени на дериватите во земјава. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатите две недели беше 48,446 денари за долар и е за 2,6 проценти понизок од курсот по кој беа формирани цените. (В.Ма)