Белоруското Министерство за внатрешни работи ги негираше извештаите во кои се тврди дека едно лице е убиено за време на масовните протести синоќа во Минск.

„Нема жртви“, изјави портпаролот на белоруското МВР, Олга Чемоданова, за ТАСС.

Претходно, Валентин Стефанович, претставник на Центарот за човекови права „Вијасна“, изјави за ТАСС дека едно лице загинало за време на протестите во Минск.

Од неделата вечерта до утринава се одржаа масовни протести во Минск и другите белоруски региони по претседателските избори во Белорусија. Полицајците беа принудени да користат специјални средства за потиснување толпа за да ги контролираат демонстрантите.

Вчера се одржаа претседателските избори во Белорусија. Според првичните резултати објавени од белоруската изборна комисија, Лукашенко победи со 80,23 отсто од гласовите. Кандидатот на опозицијата Светлана Тихановска се најде на второто место со 9,90 отсто. Другите тројца кандидати добија помалку од 2 отсто од гласовите.

извор: Makfax