Новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина заврши синоќа, по 17 часови разговор и без договор.
Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека двете делегации не постигнале договор по ниту едно прашање.
– За жал не постигнавме договор по ниту една точка, рече Вучиќ пред новинарите, излегувајќи од зградата на Европската служба за надворешни работи, јави Танјуг.
Тој истакна дека двете делегации биле мошне блиску до постигнување договор за Заедницата на српските општини, која била една од четирите теми за кои се разговарало.
– Приштинската делегација не сакаше да ги прифати дури ни тие овластувања за ЗСО кои ги имаат општините, а тоа се овластувања во обемот на урбаното планирање, здравството и економскиот развој, прецизираше премиерот на Србија.
Тој додаде дека напредок е постигнат во врска со телекомуникациите, но оти спогодбата не е финализирана.