Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти се поканети во Вашингтон на 4 септември, потврдено е за Танјуг во Белата куќа.

Во Вашингтон ќе се дискутира за економијата и економски прашања, бидејќи Соединетите држави се убедени дека овие теми се првиот чекор во унапредување на мировниот процес, изјави за Танјуг портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност, Џон Улиот.

– Советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан ги покани лидерите на Србија и на Косово во Вашингтон на 4 септември.  Разговорите, првично планирани за 2 септември, беа одложени за два дена, од причини поврзани со распоредот – изјави Улиот.

Тој додаде дека Соединетите држави ги чекаат тие важни разговори со претседателот Вучиќ и премиерот Хоти.

„Веруваме дека напредокот по економски прашања, вклучително и создавање работни места, вработување и забрзување на економскиот раст, е првиот чекор во унапредувањето на мировниот процес“, рече Улиот.

На прашањето на Танјуг дали постои можност, како што најавија некои медиуми, американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на разговорите и дека средбата е одложена до 4 септември заради таа можност, Белата куќа не одговори.