Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше за уредбата во врска со задолжителното воведување на редарски служби во маркетите, пекарниците, продавниците и самопослугите за време на траењето на вонредната состојба.

Оваа уредба вчера на предлог на Министерството за економија беше усвоена на владината седница, а министерот по тој повод образложи дека  сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот. Ова, како што рече Бектеши, е со цел да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.

Според Уредбата, трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

„Доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, коишто нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, потенцираше министерот.

Тој апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.

извор: Makfax