Иновативноста и креативноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на единствениот европски пазар, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, на отворањето на конференцијата на тема: „Трансфер на технологија и права на интелектуална сопственост во Република Македонија“, по повод 25-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.

Тој додаде дека, според истражувањата, бројот на странски директни инвестиции е во правопропорционален сооднос со степенот на заштита на правата од интелектуална сопственост, при што, како што рече, од особена важност е издржаната правна и политичка рамка за промовирање на новите решенија кои претставуваат одговор на пазарните барања.

„Со посебно задоволство ќе истакнам дека регулативата на Република Македонија во оваа област е хармонизирана со меѓународните стандарди за заштита на правата од интелектуална сопственост. Тоа овозможува ефикасна заштита на овие права и поголема правна сигурност за странските компании, а воедно и подобрување на инвестициската клима во државата“, рече Бектеши.

Директорот на ДЗИС, Сафет Емрули, потсети на патот низ кој помина Заводот за да прерасне во, како што кажа, модерна институција која е веќе 10 години рамноправна членка на Европската патентна организација.

„Од самото основање до денес, нашата цел е зголемување на квалитетот на услугите со меѓународни стандарди од аспект на заштита на правата од индустриска сопственост во Република Македонија. Донесовме две национални стратегии и реализиравме низа проекти со цел усогласување на националното законодавство со европското, а континуирано работиме на подигање на свеста за значењето и придобивките од спроведување на индустриската сопственост“, објасни Емрули, додавајќи дека досега пред Заводот се пријавени 32 000 трговски марки, 10 000 патенти, над 1 000 пријави за индустриски дизајн, додека регистрирани се над 26 000 трговски марки, 8 800 патенти и десетици географски називи, од кои 5 имаат и меѓународна заштита.

На настанот се обрати и заменик-претседателот на Европскиот патентен завод, Жељко Топиќ, кој се осврна на плодната соработка што европската организација ја има со Заводот дури и пред добивањето на полноправно членство.

На свеченоста беше промовирана „Монографија за 25-годишнината на ДЗИС“, а во работната сесија учествуваа експерти и претставници од Европскиот патентен завод, Светската организација на индустриска сопственост, Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија и Фондот за иновации и технолошки развој.

 

извор: Makfax