Милан и Барселона вечерва на Сан Сиро ќе го одиграат првиот полуфинален натпревар од фудбалската Лига на шампиони. Овој дуел се игра во вистински момент за минатогодишниот финалист, кој откако во петокот го победи градскиот ривал Интер (1:0) полн со оптимизам ја пречекува Барселона. Шампионот на Шпанија во Милано допатува прилично ослабен, но во ниеден случај помирен со пораз, бидејќи повторно во тимот го имаат бразилскиот “магионичар”, Роналдињо кој го пропушти првенствениот натпревар со Вилјареал, за одморен да им се противстави на “росонерите”. Одличната атмосфера во шесткратинот првак на Европа пред дуелот со Барселона ја потврдува и тренерот на Милан, Карло Анчелоти.
“Играме во вистински момент, психички одлично сме подготвени. Вистински предизвик за нас ќе беше Барса да пристигнеше во најсилниот состав. Целото раководство смета дека сме во одлична форма”, изјави Анчелоти. Крилото фудбалер Сержињо, играчот за врска Амбросини и херојот од четвртфиналниот дуел со Лион, Филипо Инзаги (зголемена температура), го пропуштија првенствениот натпревар со Интер, сепак се очекуваат повторно да се вратат во првиот тим на Милан за полуфиналето. Повредените играчи и суспензијата на Деко се вистински проблем за Франк Рајкард, кој за вечерашиот натпревар остана без услугите на младиот Аргентинец Лионел Меси, кој е повреден од поодамна и шведскиот напаѓач Хенрик Ларсон. “Важно е да постигнеме гол, добро е да не изгубиме, а ако победиме тоа ќе биде перфектно за нас. Екипата е мотивирана. Мислиме само на нас и на нашата филозофија”, изјави Франк Рајкард. И голманот на Барса, Виктор Валдез, има свое видување за дуелот со Милан. “Ова е решавачки момент за нас. Ако не победиме и ако не се пласираме во финалето, се што постигнавме до сега ќе падне во вода. Очекувам тежок меч, мора да бидеме сконцентрирани, како во двата натпревари од ЛШ, така и во финишот на првенството”.
Сите меѓусебни дуели на Милан и Барселона:
1959-60 осминафинале: 6 ноември Милан – Барселона 0:2 25 ноември Барселона – Милан 5:1
1993/94 финале: 18 мај Милан – Барселона 4:0 2000/01 група 1: 26 септември Барселона – Милан 0:2 18 октомври Милан – Барселона 3:3
2004/05 група 1: 24 октомври Милан – Барселона 1:0 2 ноември Барселона – Милан 2:1
1990. Супер куп финале: Барселона – Милан 1:1 Милан – Барселона 1:0
Можни состави: Милан: Дида, Кафу, Неста, Каладзе, Малдини, Гатузо, Пирло, Сидорф, Кака, Шевченко, Инзаги. Барселона: Валдез, Белети, Пујол, Маркез, Џовани ван Бронкорст, Марк ван Бомел, Едмилсон, Мота, Жули, Роналдињо, Ето.
Средбата ќе ја води Алан Сарс од Франција.