Од вчера “Македонска банка” – а.д. Скопје на сите граѓани во земјава им нуди сосема нов производ за нашиот пазар. Загарантирана исплата на плата, пензија и секаков друг вид месечен надомест, секој први во месецот до следниот први, без разлика дали клиентот на Банката за тој месец има прилив на сметката.
Единствен услов да се користи атрактивниот бенефит е граѓанинот да е во работен однос, или да е пензионер. Подигање на парите, иако на сметката тој месец нема уплата, може да користат и оние кои заработуваат по друг основ како што се хонорарите, работа по договор…
Како што велат во “Македонска банка” за ова е потребно сите заинтересирани да се јават на шалтерите на банката каде што ќе ги добијат потребните формулари. Единствен услов е приливот на парите да биде насочен преку оваа Банка. “Со овој нов производ Банката, практично, на клиентот му авансира една плата која може да ја подигне и покрај тоа што уплатата не е извршена навреме”, вели Асен Целески, директор во “Македонска банка”. Илустративно кажано, доколку некој има плата од 10.000 денари, па иако не му е уплатена ќе може да ја подигне како и дозволениот минус или вкупно 20.000 денари. За да се користи оваа поволност и наредниот месец, клиентот ќе мора да има прилив односно да го сведе салдото барем на позитивна нула. И повторно од почеток. “Бенефитот е особено поволен за оние граѓани на кои им доцни платата. Тие можат да ја подигнат веднаш, а за деновите додека им стаса приливот на Банката, ќе плаќаат минимална камата од само 1 за пензионерите, до 4 отсто за сите останати и тоа на пресметано на годишно ниво”, нагласи Целески.


Весна М. БОЖИНОВСКА