Акционерското собрание на “Маѓар телеком” не донесе одлука за исплата на дивиденда. Долгоочекуваното собрание вчера се одржа без акционерите да дискутираат за усвојување на ревидираните финансиски резултати за работењето на “Маѓар телеком” во 2005 година. На ова собрание требаше да се усвојат финансиските показатели и на компаниите што унгарскиот телеком ги поседува во Црна Гора и Македонија, како и да се одлучи колкав процент од ланскиот профит треба да поделат акционерите.
Причина за ваквиот епилог, како што соопштува “Маѓар телеком” на својата веб страница, е тоа што потребната документација не била доставена навреме, па поради тоа и не можеле акционерите да ја разгледуваат и одлучуваат.
За вакво можно сценарио веќе пишуваше “Вечер”. Поради немањето одлука за исплата на дивиденда, а со цел да не се наруши макроекономската стабилност на државата, Телеком ќе и исплати на Владата позајмица во висина од 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра. Одлуката за одобрување на позајмицата треба да ја донесе Собранието на акционери на “Македонски телекомуникации” на седницата на 29 ноември.
Со тоа, ништо не го спречува Телеком да ја даде позајмицата на почетокот на декември. (С. Бл.)