Народната банка на Македонија деновиве ќе добие нов вицегувернер. По речиси една година откако ова место остана празно со заминувањето на Фатмир Бесими на функцијата министер за економија, конечно гувернерот се одлучи кому да му ја довери оваа примамлива функција. Од официјални извори дознаваме дека предлогот на Гошев е во вицегувернерската фотелја да седне Фадил Бајрами, магистер по економија, инаку актуелен надворешен член на Советот на Народната банка и поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија.
Предлогот на Гошев ќе треба да го визираат пратениците. Како што дознаваме, оваа точка е на дневен ред на собраниската седница закажана за 13 овој месец. Ако Парламентот го избере Бајрами, првиот ешалон во Централната банка, конечно, ќе биде екипиран со три вицегувернери. Во моментов, НБРМ има два вицегувернери, избрани во јули 2003 година, Ванчо Каргов задолжен за секторот за банкарски-финансиски системи, кој на оваа функција дојде од Министерството за финансии, а на предлог на екс претседателот Борис Трајковски. На негов предлог, оваа функција во НБРМ вицегувернер – заменик-гувернер ја доби и Емилија Нацевска, која претходно била директорка на девизниот сектор во Централната банка.
Ова е прва шанса на Гошев тој да предложи кандидат за вицегувернер која му е дадена како гувернер со измените на Законот за Народна банка направени во 2003 година. Дотогаш ова дискреционо право го имаше претседателот на државата.
Бајрами, според приложената биографија, дипломирал на Економскиот факултет во Приштина (насока сметководство-финансии), каде што во 2004 година ги завршил и постдипломските студии на тема “Финансискиот систем во Република Македонија. Живеел и работел во Љубљана, каде што бил директор на Новинско-издавачкото друштво ДЕА. Подоцна, во 1996 година, како член на НДП, станува прв градоначалник на Општина Осломеј, а во 1998 година беше избран за пратеник во Собранието на РМ. Како пратеник, извршуваше повеќе функции, а меѓу другото, беше и претседател на Комисијата за економска политика и развој.


Весна М. БОЖИНОВСКА