Демократскиот кандидат Џо Бајден го презеде водството пред актуелниот претседател Доналд Трамп во Пенсилванија, сојузна држава, која со веќе освоените, му е доволна за да победи на претседателските избори и да влезе во Белата куќа, додека продолжува броењето на гласовите по изборите одржани во вторникот.

Како што пренесуваат американските медиуми, според последните податоци, Бајден има предност пред Трамп во Пенсилванија со 5.587 гласа.

Победа во таа држава ќе му донесе на Бајден 20 избирачки гласови, со што тој ќе ја надмине граница од 270 избирачки (електорски) гласови. Бајден досега има 253 или 264 избирачки гласови бидејќи некои медиуми веќе му признаваат Аризона (која носи 11 гласа), а некои не. Трамп стои на 214 гласови.

Демократскиот кандидат, претходно исто така го презеде водството и во Џорџија, со нешто повеќе од 1.000 гласови.

Патот на Трамп да остане во Белата куќа сега изгледа далеку потежок: Тој мора да ги добие и Пенсилванија и Џорџија, односно повторно да го претекне Бајден, а исто така да победи во Невада или во Аризона, каде демократскиот кандидат успева да ја одржи тесната предност. Во Аризона тој води со околу 47.000 гласови, а во Невада со околу 11.500 гласови.

Властите во Џорција и Пенсилванија очекуваат пребројувањето на гласовите да заврши во петок, додека оние во Аризона и Невада ќе потраат со денови.

извор: Makfax