„Беркшир Хатавеј“, инвестициски фонд во сопственост на американскиот милијардер Ворен Бафет, преговара за купување акции во најголемата индиска компанија за дигитално плаќање „Пејтм“, објави Си-ен-би-си повикувајќи се на неименувани извори.

„Беркшир Хатавеј“ преговара за инвестиција од 20 до 25 милијарди рупии (286 милиони долари – 357 милиони долари) во компанијата „Уан97 комуникејшнс”, матичната компанија на „Пејтм”.

Беркшир е во преговори за преземање на три до четири проценти удел во „Уан97“. Договорот би можел да биде потпишан во наредните недели, а вредноста на „Пејтм“ би била проценета на над 10 милијарди долари. Ако сè оди добро, тоа ќе биде прва директна инвестиција за Бафет во Индија.

„Пејтм“ е најголемата индиска мобилна платформа за трговија и веќе е поддржана од јапонската „Софт банк“ и кинескиот технолошки гигант „Алибаба“.

извор: Makfax