Британецот Џенсон Батон, кој на трката во Сан Марино го освои 3. место, би можел да биде дисквалификуван, бидејќи болидот му бил полесен од дозволеното. Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) соопшти дека ќе биде обжалено решението на стјуардите на натпреварувањето, според кои болидот на БАР-Хонда не одговарал на потребната тежина. Според правилата на ФИА секој автомобил, што ќе тежи помалку од определената долна граница треба да биде дизквалификуван. Батон на патеката крај Имола финишираше како трет зад Шпанецот Фернандо Алонсо од Рено и светскиот првак Михаел Шумахер со Ферари, освојувајќи шест бодови во натпреварувањето на пилотите. По трката, неговиот автомобил беше задржан неколку часови во зоната за технички преглед, пред да биде ослободен, а потоа резултатите беа прогласени за официјални. ФИА објави дека случајот ќе биде разгледан на Меѓународниот апелациски суд во Париз, на 4 мај годинава.


Рос Браун го фали Шуми
Техничкиот директор на Ферари, Рос Браун, изјави дека е одушевен од настапот на седукратниот светски првак Михаел Шумахер на трката во Сан Марино, но и дека се уште е рано да се прогнозира новиот шампион. – Одамна не сум гледал олку возбудлива трка. Но, колку што сум одушевен од Шумахер, кој конечно се враќа во борбата за титулата, исто толку и од младиот Алонсо, кој ќе му биде најголемиот ривал годинава: – Она што најмногу ми се допадна е неверојатната борбеност на Михаел, кој е највозрасниот во првенството со 36 години. Тој уште еднаш докажа колку е добар и дека не смее да се отпишува предвреме.