Францускиот фудбалер Пол Погба е едно од имињата што ќе го вжешти летниот преоден рок. За играчот на Јувентус и француската фудбалска репрезентација заинтересирани се челниците на европскиот шампион Барселона, а тоа беше и причина претставници на двата клуба повторно да седнат на преговарачка маса.

Како што јавуваат шпанските медиуми, спортскиот директор на Барселона, Ариедо Браида, имал долга средба со директорот на италијанскиот калчо гигант Јувентус, Џузепе Морота. Двајцата вечерале во еден од елитните ресторани во Милано, а главна тема на разговорот бил Погба. Тие наводно се договориле за трансферот на Французинот, но се договориле да ги испеглаат деталите на нова средба, што би требало да се одржи во текот на оваа недела.

Каталонците уште од почетокот на летниот преоден рок не кријат дека го посакуваат Погба и водат интензивни преговори за неговото доаѓање на „Камп Ноу”. Во последните неколку недели Ариедо Браида одржува редовни контакти со првиот човек на тимот од Торино, со цел да го убеди да му го продаде Французинот.

Медиумите на Пиринејскиот Полуостров информираат дека Барса сака уште отсега да ги осигура услугите на Погба, но да го остави да игра за Јувентус до први јануари наредната година, кога истекува казната на клубот за купување на нови играчи

Барселона во трката за Погба, прави се за да ги изигра Манчестер Сити, ПСЖ и Реал од Мадрид, кои исто така пројавија интерес за потписот на 22–годишниот фудбалер.