“Иконата на мајка божја”, “Гулабот”, “Тројното страдање на Христа”, “Виолончелистот” и “Севидливото око” се дел од 35-те дела на нашиот еминентен сликар Владимир Георгиевски, кои од завчеравечер се изложени во просторот на “Матица ексклузив”.

“Главен предизвик да ја направам оваа изложба на која се претставени 35 дела е всушност во книжарница, еден неформален простор, да се изложат слики и така да се сретнат два силни медиуми, од една страна, литературата и, од друга страна, сликарството. Сликите што се овде изложени ќе мора гледачите да ги побараат за разлика од галерискиот простор каде тие сами се нудат. Ова што Матица го прави во последно време со воведување на изложби е исклучително значајно за нашата култура и, од друга страна, потсетува на историските настани. Во историјата на модерната уметност е добро позната прва импресионистичка изложба во Париз која е направена во фотографско ателје, на фотографот Надар. Според тоа, вистински ликовни настани се случуваат токму во вакви простори”, истакна бардот на македонското ликовно творештво чие дело од ноември 2012 е постојано изложено во Музејот на Достоевски во Санкт Петербург, а неговите слики се наоѓаат и во нашите национални установи и приватни збирки во државата и странство.

Религиските мотиви во неговите дела, пак, според авторот, не се со цел да се прави религиозно сликарство, туку да се направи “извесна аналогија меѓу тоа што религиозниот мотив содржи во себе како мисла и филозофија…”

Изложбата во Матица ексклузив ќе трае наредните две недели.

(Д.Т.)