Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, реагира по барањето на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, за амнестија за настаните од 27 април.

„Грујовистичкиот лидер Мицковски се обидува да се додовори на членството на ВМРО ДПМНЕ како и да го симне од себе и од партијата товарот кој свесно им го натоварија на осудените, обвинетите и осомничените за случувањата од 27 април, неводејќи сметка за шетните последици по државата. Притоа тој повторно во стилот на неговиот ментор Груевски со своето голо популистичко барање за амнестија сосема свесно одработува и за амнестија на други осудени лица“, смета фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие додаваат дека Мицкоски е свесен оти удоволувањето на ова негово барање ќе предизвика и барање за амнестија на терористите од Диво насеље во пакет, а тоа не смее да се случи. Од фракцијата предлагаат Мицкоски да им помогне на осудените одвојувајќи парични средства и бесплатна правна помош.

„За почеток најдобро е да одвојат дел од огромните финанискиски средства со кои располага партијата и партиските функционери и финансиски да ги помогнат семејствата на осудените и останатите осомничени и обвинети од 27 април доколку сметаат дека се невини. Второ, на сите оние кои се обвинети, осомничени или осудени да им понуди најквалитетна бесплатна правна помош и одбрана со цел да се искористат сите (нови и стари) факти како и редовни и вонредни правни лекови кои им стојат на располагање пред надлежните органи за да ја докажат својата невиност или пак политичка монтировка“, порача Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, се друго е само обид за залажување на јавноста и собирање на евтини полтички поени.

извор: Makfax