Банкарите во “бункер” ги спасија штедните влогови
Сопствениците на орочените штедни влогови најверојатно ќе куртулат од плаќањето персонален данок на каматите, кој требаше да стартува за неполни два месеци односно од јануари идната година. Вакво уверување доаѓа од Кабинетот на првиот финансиер во земјава, министерот Никола Поповски од каде велат дека наплатата на персоналецот на каматите ќе се одложи до јануари 2008 година.
“Веќе е подготвена и Предлог- измената на постојниот Закон за персонален данок со кој оданочувањето се пролонгира за две години”, изјави вчера за “Вечер”, Маја Богдановска, портпарол во Министерството за финансии. Овој предлог, како што вели Богдановска, е во владина процедура и се очекува набрзо да се најде на дневен ред пред пратениците во Собранието.
Во постоечкиот Закон за персонален данок е предвидено оданочувањето на каматите на орочените штедни влогови да стартува од јануари идната година, што мошне ги вознемири банкарите. Тие, како што дознаваме, завчера во “бункер”, зад затворени врати, во рамките на своето Здружение за банкарство во Стопанска комора на Македонија расправале за ова прашање и едногласно заклучиле дека воведувањето на персоналецот на орочените штедни влогови дестимулативно ќе влијае врз вкупното штедење во земјава. Банкарите го искажуваат своето мислење дека со воведување на оваа давачка, би го стопирала трендот на пораст на штедните влогови, кои, според официјалните податоци, до септември годинава достигнаа 880 милиони евра.
“Тие се уште не се на ниво на кое треба да бидеме задоволни , а особено не задоволува рочната структура на влоговите кои претежно се орочени на краток период”, вели Стојна Стојкоска, директор во Тутунска банка -Скопје. И гувернерот на НБРМ, Гошев неодамна изјави дека се уште како држава не можеме да бидеме задоволни од рочноста на штедните влогови бидејќи граѓаните, сепак, преферираат краткорочно штедење на кое отпаѓа дури 90 отсто од вкупните заштеди во Македонија.
Весна М. БОЖИНОВСКА