“Балкански шпион во Сараево” е наслов на претставата со која Сараевскиот народен театар вечерва (21 јуни) ќе се претстави во рамките на фестивалот на комедијата “Гола месечина”. На овој Интернационален фестивал кој стартуваше сношти со претстава “Автобусот” на сатиричниот театар “Алеко Константинов” од Бугарија, ќе се одржат вкупно осум комедии.

Организатор на фестивалот е Театар комедија од Скопје заедно со Општина Аеродром и со поддршка на Министерството за култура, а претставите ќе се одржуваат во Спортскиот центар “Ново Лисиче” под отворено небо.

Контекстот на вечерашната претстава “Балкански шпион во Сараево” (21 ч) од Душан Ковачевиќ, а во режија на Сулејман Купусовиќ е нешто поразличен од оригиналниот текст. Преку серија на веќе познати, но иновативни и смешни ситуации, се занимава со односот на домашните и соседните политичари кон Босна и Херцеговина.

Претставата е една од посериозните комедии која освен смеа отвора и многу прашања за размислување.

Во претставата играат Изудин Бајровиќ како Сабахудин Чворовиќ, Ејла Бајовиќ како неговата жена Даница Чворовиќ, Аладин Омеровиќ ја има улогата на Ел Салем Жорж Требо – потстанар, Мерима Лепиќ е во улога на Сања, ќерка на Сабахудин, а Милан Павловиќ го глуми Буџони, брат на Сабахудин.

В четврток (23 јуни), пак, публиката ќе има можност да ја проследи претставата “Елинг” на Белградскиот драмски театар, додека комедијата “Хамлет од Горно Дупени” на НТ “Војдан Чернодрински” е на репертоарот на 24 јуни (петок). Следуваат претставите “Парламентарки” на Народен театар од Охрид (26 јуни), “Жорж Дарден” на Народен театар од Ниш (27 јуни), “Македонска приказна” на Театарот за деца и младинци-Скопје (28 јуни).

Годинешниот репертоар ќе се затвори на (29 јуни) со претставата “Нешто пропуштаме# на Театар Комедија од Скопје.