Заврши втората фаза од конзервацијата на ранохристијанската базилика во археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид. Во рамките на реализацијата на програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура минатата година се извршени археолошки истражувања при кои беа откриени значајни наоди.

Пристапено е кон конзервација на постоечките ѕидови и чистење на дел од мозаиците од археолошкиот локалитет, додека пак мермерните столбови пронајдени на самото место беа поставени на својата автентична позиција во структурата на базиликата.
Се работи за една од деветте ранохристијански базилики откриени во стариот дел на Охрид, со прекрасни мозаични подлоги и со огромно значење за културното наследство на Република Македонија”, велат од Министерството за култура на РМ.

Со изведбата на покривна конструкција над базиликата и илуминација на просторот, градот Охрид се здобива со уште еден атрактивен археолошки локалитет.
Во 2014 година ќе бидат целосно конзервирани и богатите мозаични подови.
Досега за конзервација на локалитетот, Министерството обезбеди вкупно четири милиони и шестотини илјади денари.