И покрај големата поддршка на бројни земји членки на ЕУ за почеток на преговори со нашата земја, во Франција, Холандија и други западноевропски земји сѐ уште постои отпор кон овој процес, изјавил за МИА унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, по појадокот со Никола Димитров и Бујар Османи.

Запрашан дали сѐ уште Париз и Хаг покажуваат отпор за почеток на преговори, Сијарто одговорил: „Да, да, има голем отпор од западноевропските пријатели, тие не се толку чувствителни бидејќи се оддалечени од регионот“.

Најсилната поддршка дошла од источноевропските земји, како и од Италија и Ирска.

Унгарија, истакна Сијарто, смета дека во јуни мора да се донесе одлуката за преговори со Македонија и дека земјата испратила во текот на февруари „свој искусен дипломат да работи за македонското министерство за надворешни работи“.

Тој е таму да ја помага процедурата на интеграција и што и да ѝ биде потребно на Северна Македонија за да се забрза оваа процедура ние сме секогаш тука, вели Сијарто.

Тој изрази жалење што Европската комисија оваа година подоцна ќе ги објавува извештаите за напредокот на земјите од регионот, односно по изборите за Европскиот парламент, на крајот на мај.

Од холандска страна велат дека ќе оценуваат строго и праведно. Холандскиот министер Стеф Блок истакна дека неговата земја е фокусирана на тоа Македонија да приложи реформски резултати.

Важно е Македонија да продолжи да напредува, Холандија е строга и праведна во однос на примената на условите и мислиме дека е од најголема важност Македонија да покаже јасни резултати, посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, оддаваме признание за решавањето на спорот за името, но тоа не го прави помалку потребно покажувањето напредок во другите области, рече Блок.

Освен донесувањето на реформите, земјите членки сакаат да видат и имплементација, потсети белгискиот министер Дидие Рејндерс.

Најважно за нас ќе биде да го видиме извештајот на Европската комисија и да провериме дека се оди напред, спорот за името беше еден вид предуслов, и беше извонредно исполнет, сега сакаме законите да се изгласаат, но и да се спроведат, и знаеме дека спроведувањето е секогаш најкомплицираниот дел, рече Рејндерс.

За Белгија е од исклучителна важност секоја земја да се цени според сопствените заслуги и да нема „пакети на земји“. Oваа земја меѓутоа не е меѓу најскептичните земји како Франција и Холандија, и смета дека вратите остануваат отворени, во НАТО и во ЕУ.

Се надевам дека во следните месеци и до летото ќе можеме да отвориме еден пристапен процес, тоа е многу долг процес, дури и да го започнеме, процедурата ќе биде многу долга, поглавје по поглавје ќе треба да се одговара на европските барања, но навистина сме многу среќни што ја видовме таа упорност во решавањето на името и видовте дека вратите во НАТО се отворени, сега сме подготвени да ги отвориме во ЕУ ако се исполнат критериумите, изјави Дидие Рејндерс.