Литванскиот европратеник Антанас Гуога му предложи на лидерот на британската евроскептична Партија за независност на Обединетото кралство, Најџел Фараж да се обложат дека на референдумот на 23 јуни Британците ќе изберат на останат во ЕУ.

– Толку сум убеден дека Британците ќе го направат она што треба и ќе изберат да останат во ЕУ. Затоа се обложувам со вас на еден милион евра, кои ќе бидат донирани во хуманитарни цели, пишува Гуога во писмо упатено до Фараж.

Гуога, познат уште како Тони Џи, е поранешен професионален играч на покер, кој често пати ги донирал паричните добивки во хуманитарни организации. Тој беше избран за европратеник во 2014 година.

Засега Фараж не му одговорил на писмото.

Но, освен шеговитата страна на проблемот со евентуалното британско излегување од ЕУ, има и повеќе многу сериозни страни кои водат кон сериозни последици. Токму за тоа предупреди и британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд кој изјави дека „нема враќање назад” доколку Британија на референдумот в четврток одлучи да ја напушти ЕУ.

Тој нагласи дека дури и да може повторно да поднесе барање за членство во Унијата, резултатите од референдумот ќе бидат „неповратна одлука” оти во случај на повторно враќање во Унијата Британија ќе треба да ја воведе заедничката валута, еврото, и да го применува Шенгенскиот договор од кој сега е исклучена.

Освен тоа, несомнено е дека по евентуалниот брегзит Британија ќе претрпи економски последици. Американскиот инвеститор Џорџ Сорос предупреди на „сериозните последици” за вработеноста во Велика Британија, како и за финансиите на земјата, доколку Британците в четврток се определат за брегзит.

Во авторски текст во лондонски „Гардијан” Сорос наведува дека проблемите ќе ги предизвика падот на фунтата на светските берзи.

Овој американски финансиер, од унгарско потекло, во Велика Британија е познат како човекот кој ја „урна” фунтата, во текот на „Црниот четврток” во 1992 година, кога со низа трансакции на хеџ фондовите, предизвика девалвација на британската национална валута.

Сега Американецот предупредува оти напуштањето на ЕУ ќе предизвика поголеми потреси и пад на вредноста на фунтата од најмалку 15 отсто во однос на доларот, со можно паѓање и до повеќе од 20 отсто. Тоа би довело, фунтата да се менува за 1,15 долари, наместо за сегашните 1,46 долари.

Според овој инвеститор, британските гласачи досега беа силно потценети и дезинформирани околу вистинската цена на Брегзит.

– Премногу луѓе веруваат дека заминувањето од ЕУ нема да има никаков ефект врз нивните лични финансии, но тоа е само пуста желба на оние кои пропагират Брегзит, пишува Сорос во „Гардијан”.

И германските ултрадесничари за референдум за излез

Членот на раководството на партијата „Алтернатива за Германија” (АФД) Алис Вајдел вели дека би сакала да види референдум за излез на Германија од ЕУ по британскиот пример.

Коментирајќи ја дебатата за референдумот за излез на Велика Британија од Европската Унија високиот претставник на антибегалската и антиисламската партија „Алтернатива за Германија” која што се позиционираше и како противник на единствената европска валута вели дека е дојдено време граѓаните да одлучат за курсот на ЕУ.

Според партиското соопштение на АФД, Вајдел смета дека без разлика на исходот на референдумот важно е да се истакне дека остатокот од ЕУ сака Британците да останат во унијата што претставува важен момент за европската историја.

Вајдел во исто време ја критикува кампањата која предвидува хорор сценарија и наметнува страв за британските граѓани доколку се одучат да излезат од ЕУ.