Европската федерација на новинари (EFJ) ја повикува бугарската Влада да ги заштити новинарите во земјата. Повикот е последица на февруарските закани на радикалната партија АТАКА и на нејзиниот лидер Волен Сидеров, упатени до новинарите што ги следат активностите на партијата. Членовите на АТАКА во февруари физички им се заканија на неколку новинари од весниците “24 часа” и “168 часа” кои објавија вест за финансиски малверзации на партијата. Сидеров и уште стотина сопартијци ги чекале новинарите после работа и извикувале навредливи пароли и физички закани, пренесува МИА.

Во писмото до Премиерот Сергеј Станишев, ЕФЈ и Меѓународната федерација на Новинари (IFJ) изразуваат солидарност со новинарите во Бугарија кои се против законите што ги предлага АТАКА, бидејќи од новинарите се бара да ги откриваат своите извори, освен во случај веста да е врзана со судски процес што е во тек. Тие потсетуваат дека против клевета постојат правни механизми кои Сидеров може да ги употреби, наместо да организира јавни демонстрации и насилство какви што беше случај во Софија на почетокот на март, барајќи зачувување на националните интереси во медумите.

АТАКА е дел од бугарскиот Парламент, а воедно и од Европскиот парламент откако Бугарија на први март стана полноправна членка на ЕУ. Бугарската мисија при ЕУ во Брисел не даде никаков коментар. Дипломатите тврдат дека немало никаков проблем меѓу новинарите и членовите на АТАКА. Весниците “24 часа” и “168 часа” и припаѓаат на германската група ВАЦ.