Дипломатите во Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде Џулијан Асанж претстојува повеќе од три години, правеле планови за да му помогнат на основачот на Викиликс, да побегне од зградата на дипломатската мисија.

Тајните планови за бегство на Асанж од Амбасадата, без да биде уапсен од британската полиција која стражари пред дипломатската мисија, ги открива еден еквадорски портал, повикувајќи се на доверливи дипломатски извори, а ги пренесуваат лондонските медиуми.

Според едниот од плановите на еквадорските дипломати, основачот на Викиликс требало да избега преку покривот на зградата до блискиот терен што се користи како хелиодром. Се размислувало и за тоа, Асанж да се преоблече и да се маскира, за да не биде препознаен, па таков да излезе од Амбасадата, а потоа да исчезне меѓу бројните минувачи на улицата.

Се правеле планови тој да биде и сокриен во некоја од големите вреќи со дипломатска пошта и однесен до некои од лондонските аеродроми, па дури и да му се овозможи набрзина да истрача од заградата на мисијата и да се загуби меѓу луѓето во Најтсбриџ, елитен кварт во Лондон, каде се наоѓа Еквадорската амбасада и во чие соседство е отмената стоковна куќа „Хародс” околу која, секогаш има голем број домашни и странски посетители.

Еквадорските дипломати ги отфрлаат ваквите тврдења, а анонимен извор на британскиот Скотланд Јард, за домашните медиуми рекол дека полицијата сметала на можноста Асанж да се обиде да побегне, па затоа околу зградата биле инсталирани специјални сканери за човечка топлина.

Еквадорскиот портал открива дека ваквите планови почнале да се прават, откако дипломатите во мисијата во Лондон станале загрижени за неговата ментална состојба. Директен повод за да се размислува, како Асанж, тајно да се извлече од Амбасадата, бил еден инцидент од есента 2012 година, што го предизвикал основачот на Викиликс. Тогаш бил откриен во обезбедуваната и контролирана соба во Амбасадата, во која немал право да влегува. Дошло до препирка со човекот од безбедноста на амбасадата, па Асанж удирајќи со тупаница, прво го оштетил екранот на мониторот на компјутерот, а потоа се нафрлил и врз човекот.

Подоцна, основачот на Викиликс, за инцидентот го обвинил човекот од безбедноста, тврдејќи дека тој го наговорил да се најде таму каде не требало.

Во јуни 2012 година, Асанж побегна од станот што му беше определен од британскиот суд, за да престојува, бранејќи се од слобода, во зградата на Амбасадата на Еквадор, откако Врховниот суд на Британија пресуди, тој да им биде предаден на шведските власти, каде беше и се уште е осомничен за силување.

Неполни три месеци подоцна, тој доби политички азил од владата во Кито, но не може да замине за Еквадор, затоа што доколку излезе од Амбасадата, веднаш ке биде уапсен, а потоа и депортиран во Шведска, врз основа на европскиот налог за апсење и притвор.

Британските власти, засега одбиваат било каква спогодба со властите во Кито, околу случајот со Асанж, инсистирајќи дека тој не само што е осомничен во Шведска, туку дека со бегството има прекршено и неколку британски закони.

Основачот на Викиликс кој првично ја имаше големата подршка од левичарските и либералните кругови и весници во Лондон, ги загуби симпатиите, откако јавно се расправаше со „Гардијан” преку кого беа објавени информациите на американаката администрација што претходно беа украдени.

Подоцна, тој се расправаше и со групата негови поддржувачи од Лондон кои платија 250.000 фунти, за неговата кауција, за да не биде во притвор, кога тие почнаа да го повикуваат, наместо што се крие во мисијата на Еквадор, да оди во Стокхолм и да биде сослушан за тоа за што е обвинуван, кога веќе тврди дека е невин.