Државниот секретар на САД, Џон Кери во вторникот вечерта одржа средба со група американски дипломати, потписници на меморандумот во кој се критикува политиката на Вашингтон за односот кон конфликтот во Сирија и се бара бомбардирање на режимот во Дамаск.

Меморандумот е потпишан од околу 50 дипломати кои бараат употреба на сила против режимот на Асад.

Американските дипломати оценија дека претседателот Барак Обама треба да одлучи да го бомбардира режимот на Асад, за да го принуди да преговара за мир.

Засега нема никакви индиции дека Обама, кој ќе ја напушти Белата куќа во јанури, планира да ја смени политиката кон Сирија.

Американската армија учествува во воените операции против Исламска држава во Сирија.
Во меѓувреме, неколку европски земји, меѓу кои и Шведска, Германија, Франција и Финска, започнаа истрага против наводни сторители на воени злосторства во Сирија, со цел да се обидат да се изборат за правда за жртвите на сирискиот конфликтот, кој веќе навлезе во шестата година.

Овие мерки се преземени, откако Русија и Кина два пати ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, поддржана од над 60 земји во мај 2014 година, во која се инсистираше прашањето за сирискиот конфликт да биде доставено пред Меѓународниот кривичен суд.

На дискусијата во ОН на тема „Први пукнатини во ѕидот на неказнивоста во Сирија” учествуваа поддржувачите и противниците на активностите на европските земји за истрага за тешки злосторства во Сирија.

Амбасадорот на Лихтенштајн во ОН изјави дека напорите на европските земји треба да бидат поддржани и барањето за откривање и казнување на злосторствата мора да биде ставено на преговорите за мир во Сирија.