Музејот на Македонија по седми пат ќе учествува во манифестацијата “Ноќ на Музеите”, која годинава ќе се одржи на 14 мај. Оваа национална установа веќе ја има подготвено програмата на настани кои ќе се случуваат до доцна во ноќта, а посетителите ќе имаат можност, освен постојните поставки, да видат и повеќе изложби. Во рамките на овој настан ќе биде промовирано ЦД насловено “Движни записи од Македонската археологија” на авторот и снимател Ирена Колиштркоска-Настева, археолог од Музејот на Македонија. На ЦД-то се внесени аматерски теренски записи вршени на археолошките истражувања и ископувања на локалитетите во Р. Македонија, петнаесетина години наназад. Снимките се евидентирани со камера, а миговите заробени во објективот говорат за еден широк хронолошки распон од праисторијата до Средниот век. За секој од снимените локалитети, единаесет на број, претходи текст кој ги запознава гледачите со дел од откриениот материјал и периодот на кој му припаѓа. Освен на македонски, преведен е на албански и англиски јазик, со што се обезбедува поширока публика.

Оние што ќе го посетат музејот ќе можат да ја видат и атрактивната изложба “Муниципиум Стобенсиум – Римската монетарница во Стоби”, во рамките на која се претставени ексклузивни монети во сопственост на Музејот. Изложбата е подготвена од страна на м-р Перо Јосифовски. Проектот “С-К-С-Б (Да се биде роден низ светот)” на академската сликарка Биљана Јовановска е исто така дел од програмата. Основата на проектот е инспирацијата од пирамидата, како знак, но без дополнителна ликовна интервенција.

“Меѓународниот координатор е известен за нашето учество во манифестацијата која се одржува на иницијатива и во координација на Министерството за култура на Република Франција, а активностите кои ќе се организираат во Музејот веќе се поставени на веб-страницата на овој настан”, велат во Музејот на Македонија. Музејот ќе биде отворен за посетители до 1 часот по полноќ.

(Д.Т.)