Дивеење е упадот, тепањето и скандирањето во Собрание на 27 април, а не прослава на навивачи, каде што се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам, кој што би го осудил во секој момент, изјави за Плусинфо пратеникот на ДУИ Артан Груби за „културната“ прослава на јубилејот на навивачката група „Шверцери“ во Македонскиот народен театар.

– Сметам дека реакциите се апсурдни, лицемерни и преставуваат класична намерна политичка злоупотреба на настан во функција на предизборна пропаганда. Јас не сум организатор на настанот, но мора да истакнам дека театарот му припаѓа на народот, не е ВМРОвски, СДСМовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, со парите на граѓаните, а не со парите на ВМРО, ниту на фелата, и им припага на граѓаните. 20- годишината беше одбележена во Албанскиот театар пред 10 години со прикажување на документарец, исто како и 30-годишината во МНТ, каде што присуствуваа фудбалски ветерани, тренери, Албанци, Македонци и други, на кои им беа доделени благодарници од страна на организаторите, спонзори, градоначалници, и други. Секоја чест за професионалноста на вработените во театарот каде што се одржуваат безброј различни настани – вели Груби.

Но тој не одговори за демолирањето на МНТ, за што реагираше и директорката Сања Угриновска. Таа во изјава за некои медиуми го посочи Груби за организатор за присуството на „Шверцерите“ во МНТ.

Министерството за култура го осуди однесувањето на „Шверцерите“. Според министерството во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата.