Немата послушност на Нина Ангеловска и СДСМ кон олигархијата од стопанските комори ќе ги чини многу пари граѓаните, рече денеска во видео-обраќање портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Како што истакна тој, ние сме единствена држава каде што Владата во моменти на немоќ и очај, уште еднаш посегнува по осиромашениот народ за да пробаат да пополнат нешто малку во државниот буџет.

„Со првиот бран на поскапување на акцизата од 3 денари што го воведе изминативе години СДСМ граѓаните прилично осиромашија, а животниот стандард, транспортот и цените, сите останати цени поскапеа, само функционерите на СДСМ се богатеа“, вели партискиот портпарол кој презениташе кратка анализа за тоа што ќе се случи со повторно поскапување.

„Претпоставките кои ќе станат реалност кога ќе се покачи акцизата за 2 денари, велат дека конкретно во патниот транспорт, прашање на време е колку брзо ќе се покачат цените на билетите за меѓуградскиот превоз, но и на такси компаниите и превозото во градовите внатре.

Ако еден повратен билет Скопје-Берово чини сега 730 денари, постои можност да се покачи над 800 денари. Во просек нека биде 70 денари поскапувањето. Ако едно семејство од Берово има двајца студенти во Скопје, кои треба да се вратат секој викенд во Берово, имајте на ум дека едно семејство покачувањето на акцизата ќе го чини над 600 денари повеќе секој месец со поскапување на оваа акциза од 2 денари.

Истото ќе се случува и со билетите за другите градови како Струмица, Ресен, Битола, Прилеп, Охрид, градови за кои постои можност да се поскапат билетите и повеќе од 100 денари затоа што дополнително што одредени патни делници ќе добијат и нови патарини, но и постојните би можеле да бидат покачени“, истакна во својата анализа Арсовски и додаде дека ова не е мерка, туку е осиромашување на народот.

 

 

 

извор: Makfax