Припадниците на Воената полиција во Армијата, денеска активно се вклучуваат во обезбедувањето на објектите од витално значење, меѓу кои Владата, Собранието и затворите во Скопје.

Од Министерството за одбрана соопштија дека се врши реорганизација и зајакнување на обезбедувањето на резиденцијата на Претседателот со армиско обезбедување.

Обезбедувањето ќе се врши во комбинирани тимови со единиците на полицијата.

„Изминатите два дена, припадниците на Армијата од своите колеги од полицијата се запознаваа со овластувањата, процедурите и задолженијата за извршување на оваа задача. Информираме дека армиските припадници, обезбедувањето на објектите ќе го вршат во армиска униформа, а на себе ќе го имаат личното формациско вооружување. Обезбедувањето на овие објекти се прави во целосна координација со Министерството за внатрешни работи, а е врз основа на Уредбата на Владата за утврдување на задачи на Армијата во периодот додека трае вонредната состојба“, соопшти Министерството за одбрана.

На овој начин, Министерството за одбрана и Армијата превземаат дел од обврските од Министерството за внатрешни работи и овозможуваат полициските сили да ги фокусираат своите капацитети кон задачите, чија главна цел е почитувањето на воведените владини мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Од Министерството додаваат дека армијата и полицијата заеднички ги вложуваат сите свои капацитети во заштита на безбедноста и јавното здравје.

извор: Makfax