Снабдувањето со лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување од јуни ќе се реализира по Меѓународниот тендер кој беше затворен во почетокот на годинава. Склучувањето на договорите со избраните добавувачи стартува деновиве, откако се затворени жалбените постапки на дел од учесници на јавното надавање “тешко” над 50 милиони евра. Цените на лековите од аптекарската листа на овој тендер паднаа за нови 30 проценти, (за тој процент поевтинија и на претходната лицитација) додека, пак, снижувањето кај болничката палета е до 10 проценти. Од ефектите на јавното наддавање и од падот на цените на лековите се задоволни и во Министерството и во Фондот за здравство. Тоа, пред се, се однесува на т. н. аптекарската листа, која со двете лицитации во просек “падна” за повеќе од 45 проценти. “Со тендерот е обезбедено значително поевтинувањето кај лековите на рецепт, односно за аптекарската палета. Токму затоа сметаме дека се создадени услови за овие препарати да се воведат т.н. референтни цени со кои на пациентите ќе им се овозможи поголем избор”, објаснува министерот д-р Владо Димов. Тој цени дека се уште е рано такво нешто да се направи и за болничката листа лекови, кај која снижувањето е далеку поскромно, односно дека реферетни цени во тој сегмент би дошле на дневен ред по уште една или две јавни наддавања. Референтните цени се “лек” за дел од проблемите во здравството и за првиот човек на Фондот, д-р Никола Пановски. Тој во повеќе наврати ги потенцираше предностите на овој модел над долгата и сложена процедура на јавни лицитации. “Можеби треба да се доразработи системот за медицинските помагала и потрошниот материјал и тие да се групираат во неколку категории по завршувањето на регистрационата постапка”, објаснува тој. На оваа линија е и директорот на Клиничкиот центар д-р Андрија Арсовски, кој цени дека со ваквиот систем на набавки и менаџерските тимови во здравството ќе се стимулираат на економично работење.


Ристе НЕДАНОВСКИ