Надминување на проблемот со недостиг на работна сила во Северна Македонија, враќањето на довербата во институциите и креирањето на заеднички активни политики за намалување на невработеноста, беа теми на дискусија на денешната работна средба „Премостување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на трудот“, на заменик на претседателот на Владата за економски прашања и координација на економските ресори, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претставниците од Американската стопанска комора во Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека Владата создава програми преку кои финансиски ги помага компаниите со цел тие да станат технолошки помоќни и поконкурентни, да ја зголемат своја вредност и да ја зголемат висината на платите, а со повисоки плати работните места во индустријата добиваат поголема атрактивност.

„Јазот помеѓу она што е потреба на реалната економија од работна рака и она што се нуди на пазарот, односно кои се можностите и бројот на вработените е голем и создава пречка за индустријата. Со бизнис заедницата го делиме истото сознание дека тоа во иднина може да претставува ограничувачки фактор за развој на економија, затоа што ова не е проблем само на образованието туку и на индустријата. Токму затоа ги влечеме сите потребни чекори за да се реши овој проблем и тоа преку активните мерки во Министерството за труд и социјална политика и со сите други стратешки проекти поврзани со финансиската поддршка за индустријата со зголемување на технолошката моќ, за зголемување на додадената вредност на производите, профитот на компаниите како би можеле да поделат поголеми плати. Затоа што факт е дека атрактивноста на работните места единствено може да се постигне со зголемување на платите и обезбедување на подобар живот за граѓаните“, потенцираше Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика го повика бизнис секторот со конкретни предлози да учествува во креирањето на програмите и мерките за вработување, бидејќи компаниите се тие што најдобро знаат каков кадар им е потребен за да функционираат успешно, а Владата ќе најде начин како да ги реализира истите.

Дијана Десподов, директорка на Американската стопанска комора во Република Северна Македонија вели дека големите бизниси коишто се членки на комората најакутно ја чувствува потребата на дополнителна стручна и нестручна работна рака на пазарот на труд.

„Јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот не е само проблем на бизнис секторот и на Владата туку и на целото општество и така треба да се решава, во соработка со државниот, приватниот, јавниот сектор и во соработка со младите луѓе чијшто глас исто така треба да се слушне“, рече Десподов.

извор: Makfax